На прв поглед, да се пишува студија за ретко населените рурални простори, проценувајќи ги предусловите за спроведување туристички активности преку споредбена анализа на Република Северна Македонија и Јужна и Источна Србија, изгледа исклучително предизвикувачки. Од една страна, руралните простори во двете земји се соочуваат со исти и/или слични проблеми во функционирањето, како депопулација и екстремни миграциски движења, доведувајќи до деградирање на селата и нивно претворање во ретко населени рурални простори. Од друга страна, поаѓајќи од фактот дека туризмот како мултидимензионална активност нуди сеопфатна ревитализација на просторот, тој се наметна како можност за заживување на руралните простори во кои постои туристички потенцијал. Оттука, преку разгледувањето на оваа проблематика, поаѓајќи од тоа дека постојат исти/или слични трендови во двете земји, се појави идејата за идентификување, селекција и анализирање на ретко населените рурални простори, со можност за туристички развој. Студијата претставува резултат од проектното истражување „Процена на предусловите за туристички активности во руралните напуштени простори – Компаративна студија меѓу Македонија и Србија“, реализирана во периодот 2018 – 2020 година. Проектот го реализираа работни тимови составени од професори на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип (Република Северна Македонија) и истражувачи од Географскиот институт „Јован Цвијиќ“ – Белград (Србија), низ Програмата за меѓуакадемиска соработка на Македонската академија на науките и уметностите – МАНУ и Српската академија на науките и уметностите – САНУ. Поконкретно, студијата претставува збир од шест поглавја, чии автори се членови на работните тимови на Проектот. Притоа, методолошки, се работи за сознанија добиени со комбинација на теоретски труд и емпириска анализа. Во првото поглавје, со наслов „Воведни напомени за истражувањето на туристичките перспективи на избраните ретко населени рурални простори во Република Северна Македонија и во Регинот на Јужна и Источна Србија“ (Билјана Петревска и Александра Терзиќ), се презентирани потребата и значењето на проектното истражување, преку подетално појаснување на целите и на истражувачките прашања, како и на применетата методологија. Во второто поглавје, со наслов „Одржлив развој на руралните простори“ (Марија Дробњаковиќ и Александра Терзиќ), појаснети се теоретските основи на концептот на одржлив развој на руралните простори, како и основната концепција на одржлив рурален туризам. Во третото поглавје, кое носи наслов „Туристичката понуда на руралниот туризам во национални рамки: Република Северна Македонија и Регионот на Јужна и Источна Србија“ (Александра Терзиќ, Никола Димитров, Билјана Петревска и Милован Миливојевиќ), разработена се генерални напомени за туристичката понуда на руралниот туризам во двете анализирани земји, како и можноста за вклучување на ретко населените рурални простори во туристичката понуда на Република Северна Македонија и во Регионот на Јужна и Источна Србија. Четвртото поглавје, со наслов „Избрани ретко населени рурални простори со потенцијал за туристички развој“, е носител на резултатите од теренските истражувања во избраните ретко населени рурални простори во двете земји, и тоа во Република Северна Македонија (Билјана Петревска, Никола Димитров и Петар Намичев) и во Регионот на Јужна и Источна Србија (Александра Терзиќ, Марија Дробњаковиќ, Злата Вуксановиќ-Мацура и Милован Миливојевиќ). Притоа, даден е краток опис на секоја од предложените потенцијални туристички дестинации во однос на природните мотиви, антропогените и етноамбиенталните мотиви, и на комуникациско-рецептивните мотиви. Воедно, прикажана е кратка туристичка валоризација на секоја предлог-дестинација врз основа на оценувањето на пет индикатори за руралниот капитал, кои се однесуваат на: природниот капитал, културниот капитал, инфраструктурниот (физичкиот) капитал, општествениот (човечкиот и организациските фактори) капитал и економскиот капитал. Во петтото поглавје, насловено како „Споредбена анализа на туристичките потенцијали на слабо населените рурални простори: Република Северна Македонија и Регионот на Јужна и Источна Србија“ (Александра Терзиќ), сублимирани се заедничките проблеми констатирани при теренското истражување. Воедно, посочени се конкретни можности за туристички активности во анализираните рурални дестинации во двете земји. Студијата е завршена со шестата глава со наслов „Заклучни согледувања од истражувањето на туристичките перспективи на избраните ретко населени рурални простори во Република Северна Македонија и во Регионот на Јужна и Источна Србија“ (Александра Терзиќ и Билјана Петревска). Студијата може да се набљудува како дополнување на научната мисла што ја разработува оваа проблематика, но и како концепт кој нуди објективни, реални и практични погледи и препораки за подобрување на развојните можности на селата, посебно преку планирање и функционална пренамена за туристички развој. Главната новина е во тоа што се анализирани напуштени и ретко населени села во двете земји кои или се слабо туристички афирмирани или воопшто не се афирмирани, а со тоа и соодветно туристички валоризирани. Така, понудените резултати од студијата им овозможуваат на креаторите на развојните политики на двете земји, за локален, регионален и/или за национален туристички, а со тоа економски развој, подобро да ги согледаат сегашната состојба и присутните проблеми од социоекономска и географска природа, и преку соодветни мерки, да понудат нивно надминување со наменско развивање на идентификуваните напуштени рурални простори. Се разбира, студијата не претендира на сеопфатност, така што, несомнено, постојат прашања кои може дополнително да бидат вклучени во следните анализи или, пак, пошироко да бидат разработени, што останува за некое следно истражување. Останува фактот дека студијата има големо апликативно значење како единствена со споредбени анализи на социоекономските, демографските и географските податоци на избрани, атрактивни, туристички простори, во двете соседни земји поттикнувајќи интересна тема за заживување и ревитализирање на ретко населените рурални простори.